Во јули 2025 година Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) повторно ќе го разгледува статусот на Охридското Езеро како светско и културно наследство, најавија од УНЕСКО во одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ), додека жителите и екологисти постојано предупредуваат дека претераната урбанизација, преоптоварениот колекторски систем и загадувањето на реките го уништуваат езерото.
Најмалку од 2017 година, состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион е загрижувачка за Комитетот за светско наследство, особено поради влијанието на човековите активности и развојните проекти. Затоа, локацијата е предмет на внимателно следење од страна на УНЕСКО и експертите на неговите советодавни тела, што вклучува доставување чести извештаи од државите членки за состојбата на зачувување на локацијата, велат од УНЕСКО за РСЕ.
Екологистите и жителите сведочат дека во Охридското Езеро продираат води од септички јами, полски клозети, фарми и депонии, но и од цевките на десетици ресторани, хотели и приватни резиденции неповрзани на колекторскиот систем. Тоа влијае езерото забрзано да ги губи популациите на риби, полжави и други ендемски видови стари милиони години.
На прашањето на РСЕ дали УНЕСКО би можел да го избрише Охридското Езеро од списокот на светско културно наследство, од организацијата велат дека тоа никогаш досега не било разгледувано како опција. Комитетот за светско наследство може да одлучи да го запише на списокот на светско наследство во опасност, што дава дополнителни можности за техничка и финансиска помош и за меѓународна соработка.
Само како последно средство, ако нема слух за препораките, Комитетот за светско наследство може да размисли да го отстрани имотот од списокот на светско наследство.
Ова е исклучително ретка ситуација: во огромното мнозинство на случаи се наоѓаат соодветни решенија, велат од Комитетот.
Целиот текст на следниот линкот.
OhridNews
Извор: РСЕ