Македонија наскоро треба да го донесе Менаџмент планот за управување со светското наследство од охридскиот регион од културен и историски аспект и со неговата животна средина. Овој стратешки план има за цел да се постават визионерските цели и акции за заштита, козервација на културното и природното наследство и одржлив развој на охридскиот регион, но и да ги утврди задачите и одговорностите на институциите кои треба да го споведат овој план. Претствници на локалната и централната власт, на научно-образовни институции и други стручни лица  деновиве во Охрид разговараат за менаџмент планот, на работилницата што ја организира Регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција во соработка со министерствата за култура и за животна средина и Националната комисија на УНЕСКО.


Менаџмент планот до 1 февруари 2010 година треба да биде изготвен од националните институции одговорни за негова имплементација и доставен до Центарот за светско наследство, по што во јуни и јули ќе биде испитан од Комисијата на УНЕСКО, истакна Филип Пипар од Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција. Тој посочи дека  се воочени проблемни во 39 области на кои македонските институции ќе треба ионтензивно да работат во наредните месеци и години. Најмногу забелешки има за преголемата урбанизација во Охрид, но и за развојот на туризмот, рибокрадството, загадувањето на Охридското Езеро и недоволната заштита на старата градска архитектура и сакралните објекти.


Пипар појасни дека од односот на државата кон заштитеното светско наследство во охридскиот регион ќе зависи и  неговиот статус во УНЕСКО на чија листа ова место се наоѓа неполни три децении.

– Комисиите и другите стручни тела на УНЕСКО можат само да укажат на одредени пропусти, но одлуката дали некое место ќе биде симнато од листата на светско наследство ја носат државите кои го сочинуваат Комитетот на УНЕСКО кој е составен од претставници на државите кои имаат заштитени подрачја. Проблеми имаат сите заштитени градови, вклучително и Охрид, но постојат места каде тие се поизразени, како Венеција на пример, додаде Пипар.

Претставникот на Министерството за култура Зоран Павлов, истакна дека Менаџмент планот за управување со светското наследство од охридскиот регион од културен и историски аспект и со неговата животна средина, претставува значаен документ кој ќе ја подигне на повисоко ниво заштитата на културното и природното наследство и ќе ја спречи натамошната урбана деградација на Охрид.


Дејан Пановски, од Националната комисија на УНЕСКО, рече дека е потребна поголема координираност помеѓу локалната и централната власт. Тој укажа дека е време да се постават крајни линии преку кои веќе нема да може да се поминува, за да може Охрид одржливо да се развива и да се заштити загрозеното културно и природно наследство.

Тридневната работилница за поддршка на  локалната и централната власт во справувањето со проблемите со заштитените природни и културни богатства под закрилата на УНЕСКО, ќе заврши во среда со дебата за заштита на водите.

Г. Момироски