Неконтролираната урбанизација на крајбрежјето, претераната комерцијализација на плажите, несоодветната заштита на културното богатство, како и плановите за изградба на експресен пат низ националниот парк Галичица и туристички развојни зони во Студенчишко блато и Љубаништа, го симнаа Охрид од листата на светско природно и културно наследство.
Надлежните институции засега не ги коментираат ваквите информации.
Од Заводот и Музеј Охрид, на последната седница на советот, на која беше презентирана информација за проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, изнесоа тврдење дека започнаттите активности нема да го нарушат архитектонскиот изглед на Плаошник и автентичноста на Охрид.
По инспекцијата на УНЕСКО и забелешките кои светската организација минатата година ги изнесе во извештај на 200 страници, проектот за возобнување на Св. Климентовиот универзитет на Плаошник беше ревидиран. Наместо предвидените 12, ќе се градат 6 објекти, резиденција на МПЦ, конак, Богословски факултет, библиотека и музејскиот комплекс со галерија на икони и центар за хуманистички науки. Според најавите тие треба да бидат готови до 2017 година.
Од локалната самоуправа велат дека сите градежни активности, како и уредувањето на крајбрежјето се реализараат согласно закон и урбанистичките планови. Општината и натаму останува на ставот дека Студенчишко блато во изминатите децении е целосно деградирано и таму нема ни „Б“ од блато, истовремено изразувајќи подготвеност да се ревитализира мал дел од уништениот еко систем.
Хидробиолошкиот завод засега останува на јасно и недвосмислено искажанииот став, односно мислења на нивните експерти во студијата за Студенчишко блато од 2012 година дека остатокот од Студенчишко блато треба да се прогласи за строго заштитена зона и да се покрене постапка за прогласување за споменик на природата, како и на изнесеното од други експерти од истата институција, дека изработената студија во која партиципираа нивни колеги треба да се земе со резерва и дека треба да се провери и испита дали има воопшто некакво блато помеѓу отпадот кој со децении се одлагаше пред дворот на заводот.
Официјален став не соопштува ниту националниот парк Галичица каде во тек е постапка за измена на планот за управување со паркот, со кој се предвидува во заштитените зони да се гради автопат и ски центар.
Екологистите не се изненадени од развојот на настаните. Потсетуваат на нивните укажувања за можните последици од евентуална реализација на идеите за изградба на аеродром и хотели на вода, како и на плановите за сечење на езерската трска во која се мрести рибата, бидејќи според политичарите таа не соодветствува со плановите за развој на туризмот.
Задоволство од текот на настаните изразија потенцијалните инвеститори, кои сега ќе можат без пречка да градат на најатрактивните локации на крајбрежјето на Охридското Езеро, некогаш познато по недопрената природа. Тие најавија дека ќе изградат и музеј во кој туристите ќе можат да се запознаат со ендемските видови риби, растителен и друг жив свет свет, кој некогаш живеел во сливот на езерото.
АПРИЛИ ЛИЛИ ИЛИ………
Г.М.