УНЕСКО го официјализираше Извештајот за состојбата на заштитеното природно и културното наследство на Охридскиот регион, што го изготви Реактивната мисија во 2017 година. Во него, како што беше објавено и претходно во драфт верзијата, се нотирани сериозни слабости за односот на државата, градските власти и институциите како на национално, така и на локално ниво кон Охридското Езеро и градот. Особено се критикува отсуството на соодветен институционален одговор по однос на нотираните забелешки.
Во Извештајот на 123 страни најголеми забелешки има за прекумерната урбанизација, дивоградбите в долж крајбрежјето и во заштитеното подрачје на градот, пренагласената експлоатација на крајбрежјето, нефункционалниот колектор, нарушувањето и уништувањето на животната средина…
Во делот на културното наследство се нагласува недоволната заштита на старата градска архитектура при што се посочува несоодветната конзервација и реставрација на заштитените подрачја и објекти. Се критикува поставувањето урбана опрема околу најзначајните знаменитости во градот. Градското јадро, грубо преведено, е се само не старо. Институциите задолжени за заштита на вредностите на стариот дел на градот молчеле и замижувале пред урбаното насилство врз заштитените вредности. Се доцни со носењето на урбанистичките планови, како и со решавањето на депонијата Буково.
Доколку Охрид се најде на Листата на заштитени подрачја во опасност, што ќе се знае наскоро, државата и градот ќе имаат можност да користат стручна помош, искуства и механизмми на УНЕСКО за надминување на крајно неповолните состојби кои се закана за единственото заштитено подрачје со брендот на УНЕСКО кај нас.
Свесни сме за жолтиот картон од УНЕСКО. Иако во јули може да има поинаква одлука, ние очекуваме Охрид да остане заштитен под УНЕСКО, но како наследство во опасност. Тоа е аларм за сите, прво за нас институциите, но пред се и за граѓаните, рече премиерот Зоран Заев во неговото гостување на телевизијата „Клан“.
Премиерот појасни дека експертската група на УНЕСКО која што го подготви извештајот беше во земјава во јануари 2020 година и додаде дека од тогаш до сега преземени се доста чекори.
Прифаќам дека УНЕСКО неколку години нé предупредува, но по присуството на експертите од УНЕСКО во извештајниот период е направено многу. И минатото лето и ова лето. Континуирано ја поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа се уште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин. Инвестиравме многу во реконструкцијата на колекторот и на негова доизградба до Радожда. Сега веќе нема шанса да се добие дозвола за градба без мислење на Комисијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, нагласи премиерот Заев.
Тој истакна дека значајно е и што оттогаш наваму се прекинати двата регионални патишта заради тоа што не биле предвидени согласно внимателноста и планот со управување со УНЕСКО, а дополнително е стопирана било која следна активност на железничката пруга Кичево – Лим и се прави изместување на таа пруга, надвор од заштитниот коридор на УНЕСКО.
Премиерот додаде дека креирани се и посебни комитети со Албанија за координација и заштита на Охридското Езеро.
Ние го делиме Охридското Езеро, а со тоа ја делиме одговорноста за неговата заштита. Во едни такви околности многу е важно граѓаните, стопанството, сите да сфатат, ако изгубиме статус на УНЕСКО ќе изгубиме се што имаме во Охрид на што се гордееме. А тоа е туризмот, потенцијалите, секако развојот, живеачката на граѓаните, не смееме да дозволиме, предупреди Заев.
Тој додаде дека треба да се исфрлат од главите сите замисли за мегаломанство. -Треба да си ги тргнеме од главата сите наши замисли за мегаломанство како што постоеше барем во времето на Никола Груевски, кога се повикуваше Субрата Рој со големите мегаломански проекти, па се градеше се и сешто, се навлегуваше внатре во езерото, денес сето тоа е минато, кажа Заев.
OhridNews