Националната телевизија А1 повикувајќи се на анонимни извори, синоќа објави дека во УНЕСКО имало силни критики и за Охрид, кој повеќе од две децении е на листата на заштитено светско културно и природно наследство. Според оваа телевизија најмногу забелешки имало за замената на старата калдрма од охридската чаршија со обични современи плочки без никаква естетска вредност, а предмет на критики била и реставрацијата на Самоиловата тврдина.
Калдрмата од старата охридска чаршија беше извадена за време на реконструкцијата на канализационата мрежа во овој дел на градот пред повеќе од 6 години. И тогаш имаше силни критики, како од меѓународната, така и од домашната експертска јавност. Замената на старите плочки поставени кон средината на минатиот век, според тогашната локална самоуправа ја одобрил охридскиот Завод и Музеј, кој ја изврши и реконструкцијата на Самоиловата тврдина.