Денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“, охридскиот уметник Славко Упевче ја отвори втората заедничка изложба на клубот за цртање „Арс Вивенди“, кој функционира во рамките на Црвениот крст од Охрид.

Изложбата насловена како „И пак тука“, на охриѓани им долови 40-тина дела од неколку најталентирани членови на клубот, работени во различни техники.

Ја отворам оваа изложба на млади ентузијасти, а Црвениот крст покрај оние хуманитарни активности кои ги спроведува преку целата година, во соработка со клубот за цртање Арс Вивенди, направи напор младите уметници преку своите дела да ги изразат чувствата. Може да се каже дека е постигнат голем успех благодарение на успешното раководење на Филип Стојковски. Се надевам дека и во иднина ќе слушнеме уште повеќе за нивните уметнички дела.“ – истакна охридскиот уметник Славко Упевче, на отворањето на изложбата.

Бесплатните часови по цртање ги раководеше битолчанецот Филип Стојковски, кој веќе втора година волонтира во ОО Црвениот крст од Охрид.

Иако ова е аматерски клуб за цртање, може да видете дека нашите уметници се доста ревносни и се трудат да направат што можат. Јас секогаш се обидувам да дадам таков пример. Се надевам дека и понатака ќе продолжи да функционира клубот, бидејќи тој всушност е позитивен начин да се искористи капацитетот на нашата младина. Уште еднаш ви благодарам што дојдовте да ја прославиме уметноста и хуманоста.“ – истакна Стојковски.

Пред бројните присутни, се обрати Анета Јованоска од општинскиот Црвен крст, која истакна дека 8-ми мај претставува Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а изложбата е во рамките на 150-годишнината од раѓањето на движењето.

Ден кој се одбележува во сите 188 национални друштва во чест на основоположникот на движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Анри Динан. Токму ние денеска, ја одбележуваме 150-годишнината од раѓањето на движењето, односно 150 години хуманитарна акција.“ – истакна Јованоска.

На изложбата беше прикажан и филмот „Прозорец“ од талентираната Натали Башоска, а претходеше музичка изведба на младата и талентирана гитаристка Татјана Ѓорѓиеска, ученичка во основното музичко училиште „Методи Патчев“.

О.Т.