Синоќа во галеријата при Куќата на Робевци, беше отворена изложбата на словенечката уметничка Тина Дрчар, насловена „Со глава низ ѕид“.

Присутните имаа можност да се запознаат со дел од уметничкото творештво на Дрчар, односно светлечките колажи и графитите кои ги красат зградите, покривите и фасадите на Автономниот културен центар во Метелково  место, Словенија.

Делата претставуваат огромни ѕидови покриени со обоени површини. Тоа е дел од работата на мојата пријателка Дрчар, која во изминатите 20 години работи во овие интересни медиуми. Би сакал да истакнам дека ова е нејзин втор настап пред охриѓани, бидејќи во 2008 година имавме чест да се запознаеме со творештвото на Тина.“ – рече академскиот сликар, Никола Упевче.

Карактеристично за нејзините дела се истакнатите контурни линии и разнобојноста, преку кои ги изразува своите социјално-критички теми.

Тука се претставени моите дела нацртани со четка, односно сликам на еден голем формат. Исто така, ме интересираат различни медиуми, од сликарство па се до рециклажа. Ќе имате можност да се запознаете и со она што во моментов го работам, а тоа се светлечките колажи. Инаку, Метелково мест е град во град. Во 1991 година кога се распадна тогашната федерација Југославија и кога војската се повлече од една касарна, ние младите го зазедовме тој простор и го претворивме во студио каде ќе се твори уметност.“ – рече уметницата Тина Дрчар.

Од името на НУ Завод и музеј Охрид, пред присутните се обрати кустосот Никола Николоски.

Секогаш сме се труделе да ги пратиме најновите тенденции кои се одвиваат во Македонија и светот и да донесеме нешто ново во нашиот град, посебно во туристичката сезона. Вечерва имам особена чест што тука е нашата уметница Тина Дрчар, која се занимава со улично сликарство.“ – рече Николоски.

Настанот беше збогатен со коктел и жива музика во лапидариумот на музејот.

Дрчар се занимава со графити и графитно сликарство, ѕидно сликарство и фасадна уметност. Во 2004 година дипломирала на Високата школа за цртање и сликање во Љубљана. Работи и на давање естетска вредност на столици, столни ламби направени од рециклиран материјал и слични предмети. Импресионирана е од етнички мотиви, моделите воопшто, создава длабочина преку визуелни акценти, контраст на боја и интензитет, а со користење контури на сликите, ги збогатува делата со информации.

O.T.