Долговековната традиција и природните богатства на Охрид и Македонија се главните мотиви на уникатните уметнички дела на охриѓанката Ленче Војнеска, кои вчеравечер за прв пат беа изложени пред јавноста, во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Изложбата која беше поставена на отворено, на Малиот плоштад во Охрид, освен виманието на охриѓани, го привлече и вниманието на туристите. Во рамки на изложбената поставка беа  изложени околу 20-тина некласични мозаици и релјефни мотиви изработени од природни бои и прехрамбени производи.

Поголем дел од материјалите што биле користени за изработка на овие дела се овошје, зеленчук, јаткасти плодови, прашкасти и зрнести производи, житни и индустриски растенија.

-Како технолог по професија и уметник по душа, сакав да направaм еден спој помеѓу органската хемија и уметноста која што е насекаде околу нас. Мотивот и инспирација за моите дела ги црпам претежно од историските и природните карактеристики на Македонија, како и од нашиот убав Охрид. Пред се тука е нашата долговековна традиција бидејќи ние како народ и нација сме со многу големи корени. Со мотивите на овие дела сакав да ги поврзам минатото и сегашноста и се надевам дека успев во тоа, вели Ленче Војнеска.

Таа истакна дека е неизмерно среќна што нејзината прва самостојна изложба е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.

-Да се биде дел од толку голема манифесатција како што е Охридско лето е навистина голем чест и огромно задоволство, не само за мене туку и за сите уметници. Немам зборови да го опишам моето чувство, што и да кажам во оваа прилика би било многу малку, рече Војнеска.

Вчерашната изложба имаше и хуманитарен карактер, бидејќи Војнеска одлучи, средствата кои ќе бидат собрани од продажбата на сликите „Цветовите од градината на баба Милка“ и „Паун“, да ги донира во рамки на хуманитарната акција на охридските новинари „Заедно за еден детски живот“ наменета за итна операција на болно дете од Охрид.

Е.М