По повод Меѓународниот ден на здравјето, викендов во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше отворена 27-мата по ред изложба со креативни творби од пациентите згрижени во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар.

Љубителите на уметноста од Охрид имаа можност да видат креативни ликовни, литературни и рачни творби, создадени во Центарот за рехабилитација кој функционира во склоп на психијатриската установа.

Се што гледате тука е изработено од страна на креативните пациенти во Центарот за рехабилитација, кој е составен дел од ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар. Имаме уметнички слики создадени во кабинетот за ликовна уметност, како и рачни творби и резби. Во склоп на центарот работат терапевти и тоа за ликовна уметност, литература, музика, фискултура, а во последно време имаме и физиотерапевт каде имаме рекреативни вежби за рехабилитација на пациентите сместени во болницата.“ – вели Снежана Најдоска, директор во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар.

Како што објаснува таа, во суштина се работи за терапија, односно процес на рехабилитација на пациентите додека трае самото лекување во болничката институција.

Пациентите работат по надзор на стручни тимови, а тоа е една работна терапија додека трае лекувањето. Тоа е онаа прва фаза на припрема, кога пациентот рехабилитирајќи се, му се овозможува паралелно со медикаментозниот третман, што побрзо да ја напушти институцијата и во иднина да се интегрира во општеството.“ – објаснува Најдоска.

Драгица Ристеска, ликовен педагог терапевт во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, вели дека претставува предизвик работењето со пациенти од ваков тип, кои поседуваат голема креативност.

Голем број од нив се креативни и поседуваат дарба во себе. Најпрво треба да се стекне доверба меѓу педагогот и пациентот, за  тој да се ослободи и почни со работа. Часовите ги одржуваме групно или индивидуално. Пациентите се прашуваат како сакаат да се изразат, односно преку кои материјали и техники. Идеите се заеднички, а на крајот задоволството е обострано.“ – вели Ристеска.

Инаку, целта на ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар е да овозможи соодветен третман и лекување на пациентите, односно нивно целосно интегрирање во заедницата и општеството воопшто.

Тоа е крајно нашата заложба и ние би биле најсреќни ако тоа така продолжи. Во иднина пациентот станува корисен за заедницата, се овозможува негово вработување, односно со редовни контроли се следи неговиот напредок и интеграција во општеството.“ – вели директорката Најдоска.

O.T.