Вчеравечер во просториите на MC Gallery во Њујорк, САД, свечено беше отворена изложбата на слики од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. Генерален покровител на изложбата е ресторанот „ВИА Игнација“ од Вевчани каде се одржува колонијата, а настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Пред љубителите на уметноста се изложени повеќе од 50 уметнички творби, авторство на реномирани македонски, балкански и светски афирмирани уметници, учесници на Колонијата.

Изложбата беше отворена од страна на Амбасадорот на Република Македонија во САД, Васко Наумовски, кој, меѓу другото, се осврна и на важноста натамошно да се афирмира и да се поттикнува македонската уметност, како начин за уште поголема афирмација на државата. На изложбата присуствуваа голем број македонци и јавни личности кои живеат и работат во САД.

-Целта на колонијата е обединување на уметниците кои црпат инспирација од убавините на Вевчани, промоција на соработката и почитта помеѓу народите и државите и создавање уметнички дела кои ќе придонесуваат за поголемо меѓусебно запознавање и зближување, велат организаторите на колонијата.

Сликите од Колонијата ќе бидат изложени во овој реномиран простор во Њујорк до 20-ти април 2016 година.

Изминатите години со слики од Колонијата беа организирани поголем број изложби, меѓу кои и во Подгорица – Црна Гора, Софија – Бугарија, како и во Скопје, Струмица, Кавадарци, но и низ други градови во Македонија, кои предизвикуваат значителен интерес кај ликовната публика, но и кај пошироката јавност.

OhridNews