Како што информираат од ова јавно претпријатие, веќе е завршено чистењето на сите улици во градот, а тоа во континуитет се врши и во околината на градот, како и во охридските села.
До 7 часот утрината посипени се 10 кубици ризла и сол по коловозите од прва, втора, трета и четврта категорија. До пладне ќе се посипат уште 10 кубици ризла и сол. Освен од тротоарите и коловозите, екипите на Комуналец го чистат снегот и од дрвјата, за да не дојде до оштетување и кршење на гранки.
Активностите ќе продолжат зависно од интензитетот на врнежите од снег во текот на денот.
Од регионалната Дирекција за управување со кризи информираат дека состојбата е стабилна во општина Охрид и во Струга каде се забележани поинтензивни врнежи од снег.
Според информациите од Автомото сојузот на Македонија сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива отежнато и во зимски услови поради врнежи од снег во поголемиот дел од државата.
На возачите им препорачуваме внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Крајна внимателност и одржување на потребното растојание помеѓу возилата се препорачува низ клисурите и планинските превои каде е почеста појавата на поситни одрони и можна е појава на голомразица поради ниските температури. Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен.