Некои улици и маала во градов навистина делуваат како да се комплетно заборавени и запуштени. На пример улицата „Ирина Гинова – Мирка“ која се протега позади „Отпад“. Жителите од овој крај со години беа на маки како да стигнат дома (или да излезат од дома) по дождливо време. Кал до колена. Лани летото конечно – асфалт. Но, само до некаде. Зошто не по целата должина на улицата? Само заради една неасфалтирана „делница“ од стотина метри, пак истите проблеми.
„Негде август – септември 2006 асфалтираа од општината ама овој дел го „заборавија“ – вели жителката на улицата, Добринка Николоска.
„После секој дожд улицата постанува непроодна. На луѓето кои работат во блиските фабрики ова им е скратено патче, посебно на оние од Велгошти ама кога ќе заврне од кал не се поминува. На неколку места ние и комшиите фрливме песок, колку – толку да ги покриеме вировите, но колите бргу ја растураат. Зошто го оставија овој дел вака, не знам“ – вели Добринка.
Целиот простор (позади „Отпадот“) е запуштен и валкан. Реката Сушица, која сега нема многу вода, е загадена посебно со цврст отпад. Значаен дел од одговорноста ја имаат и локалните жители. Може да се види истрошена амбалажа од секакви производи, потоа цврст отпад, кутии, расипани фрижидери. Како содржините од „Отпадот“ да излегле од неговите „граници“. Многу грда слика на само педесетина метри оддалеченост од регионалниот пат кон Ресен.
Советот на општина Охрид вчера ја донесе годишната програма за инвестиции. Дел од советниците побараа токму улицата И. Мирка Гинова да биде еден од приоритетите на одделението за комунален развој. Градоначалникот пак рече дека асфалтирањето на оваа улица е превидено во програмата на фондот за комунален развој и дека единствен проблем што не е завршена комплетната санација е времето. Ветувањата се дека улицата ќе биде афалтирана оваа пролет. Останува да видиме.
С. Костоски