Дузина камиони со овошје летово ја окупираа улицата „Сирма Војвода“ во непосредна близина на општата болница. Тие се паркирани на земјената површина веднаш до коловозот и тротоарот, каде речиси редовно стои некое возило со вклучени четири трепкачи, набрзина да пазари. Овој див пазар не само што ја загрозува безбедноста на сообраќајот на оваа фрекфентна улица, туку им го нарушува и мирот на локалните жители.
Хигиенски услови?
Продавачите на овошје продаваат, јадат, спијат и живеат во своите возила, без минимум хигиенски услови. Да биде иронијата поголема, овој див пазар е лоциран на само триесеттина метри од легалниот пазар на ЈП „Градски пазар“. Таму продавачите уредно плаќаат закупнина и даноци и мора да внимаваат на сите прописи, вклучително и на хигиената.
Подвижни пазари низ цел Охрид
Камион пазарчиња или подвижни пазари има на повеќе локации во градот. Најголемиот дел од нив работат на диво. Граѓаните велат дека градот треба да ја регулира оваа проблематика и да обезбеди соодветна локација со минимум хигиенски и други потребни услови, каде овие продавачи ќе можат да вршат услуги, но тоа никако не може да биде на улици и тротоари.
OhridNews