Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на украинските уметници, виолончелистката Жана Марчинска и пијанистката Гана Гусиева. На репертоарот ќе се најдат дела од  Александер Зноско-Боровски, Микола Лисенко, Морис Равел,  Семјуел Барбер, Астор Пјацола,Фредерик Шопен и Валентин Василович Силвестров.

Жана Марчинска виолончело и пијано започнува да изучува во Киев. Постојано е активна на музичките сцени, националните и интернационалните натпревари како:  „Уметноста на 21-от век“, Градскиот натпревар на млади пијанисти во Киев, Првиот регионален натпревар на млади пијанисти „Свјатослав Рихтер“ и други, како и на голем број фестивали. Во својата кариера Марчинска соработувала со познати оркестри, камерни ансамбли, диригенти и изведувачи. Во 2001 година ја добива Дипломата за најдобра изведба на дело од украински композитор. Редовен гостин е на мајсторски курсеви, меѓу кои и мајсторските курсеви за виолончело и свирење музика од античкиот период предводени од професорот Денис Северин во Високото музичко училите во Женева.

Гана Гусиева дипломира пијано на Конзерваториумот во  Одеса, а во 2012 и композиција на Музичката академија во Киев. Добитник е на повеќе признанија на различни интернационални натпревари по пијано и композиција, и повеќе фестивали во и вон Украина. Редовен посетител е на научни конференции во Одеса, Киев, Новосибирск, Виена. Последниве три години живее во Каен, Франција, и работи како пијанист во Оркестарот на  оперета на Нормандија  и како пијано придружба на хорот. Како композитор, Гусиева е автор на голем број дела за пијано, виолина, виолончело, вокал, но и композиции за гудачки, камерен и симфониски оркестар.

Концертот на украинските уметници Марчинска и Гусиева ќе се одржи во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.

OhridNews