Украинскиот Генералштаб соопшти дека нивната војска напредува во областа Харков, додавајќи дека во моментов се наоѓаат на 50 километри од руската граница. Главниот командант на украинската војска на каналот Телеграм напиша дека украинските сили во септември повратиле повеќе од 3.000 квадратни километри територија и ја продолжуваат својата офанзива.
Москва го признава повлекувањето од украинските градови Изум и Балакли. Министерството за одбрана наведе дека оттаму руските војници се прегрупирани во правец на Доњецк за да се постигнат целите на „специјалната воена операција за ослободување на Донбас“.
Руските вооружени сили вршат високо прецизни напади врз единиците на украинската армија во регионот Харков. Од 6 до 10 септември загубите на украинските сили на релација Николаев – Криви Рог изнесуваат повеќе од четири илјади мртви и околу осум илјади ранети, тврди Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Украинскиот Генералштаб на Фејсбук објави дека украинската армија во претходните 24 часа успеала да го протера непријателот од повеќе од 20 населени места.
Непријателот се фокусира на воспоставување контрола врз територијата на регионот Доњецк и попречување на нападите на украинските војници во одредени области.
Непријателот продолжи да ги напаѓа украинските позиции од воздух и презема мерки за враќање на изгубеното, соопшти Генералштабот.
Украинскиот Генералштаб додава дека останува заканата од воздушни и ракетни напади, појаснувајќи дека претходниот ден непријателот истрелал 18 проектили и извршил 39 воздушни напади врз цивилни објекти низ Украина, во кои биле оштетени повеќе од 30 места, вклучувајќи ги и Краматорск, Днипро, Павлохрад.
Оттаму наведуваат и дека руските сили извршиле уште еден „терористички чин“, откако со проектили ја нападнале термоцентралата Харков, што предизвикало недостиг на струја во одредени региони.
OhridNews