Украинската војска утринава предупреди дека руските сили сакаат да ја заземат браната на клучната хидроцентрала јужно од главниот град Киев, откако досега за време на инвазијата зазедоа неколку објекти од енергетската инфраструктура.

Во извештајот објавен рано утринава врвот на украинската армија изјави дека Русија планира да ја заземе браната на хидроцентралата Канив, што се наоѓа 150 километри јужно од Киев, на реката Дњепар.

Руската војска во 11-дневната инвазија врз Украина досега уништи, нападна или окупира неколку објекти од енергетската инфраструктура во земјата, вклучувајќи ја и најголемата европска нуклеарна централа во градот Запорожје.

Во извештајот на украинската армија, исто така, се наведува дека руските единици се обиделе да влезат во југозападните делови на Киев. Синоќа неколку пати беа активирани сирените за тревога. Руските војници се обиделе да пристапат и на автопатот во близина на меѓународниот аеродром во Киев.

Во правец на Козелец, град на 70 километри североисточно од Киев, забележано е движење на 100 единици со оружје и друга воена опрема, вклучувајќи и ракетни фрлачи.

Главниот фокус на руските трупи и понатаму е опкружувањето на градовите Киев, Харков и Николаев, додаваат оттаму.

OhridNews