Украинската армија денеска соопшти дека се повлекла од Лисичанск, стратешки град во источниот дел на земјата, кој со недели е под жестоки напади на руските вооружени сили и сепаратистите.

Со цел да се зачуваат животите на украинските бранители (на Лисичанск), беше донесена одлука за повлекување од градот, се вели во соопштението на Генералштабот на украинските вооружени сили.

Во соопштението се додава дека „во услови на повеќекратна супериорност на руските војници во артилерија, авијација, ракетни фрлачи, муниција и персонал, продолжувањето на одбраната на градот би имало фатални последици“.

Русија утринава објави дека воспоставила контрола над Лисичанск.

Заземањето на градот значи дека руската армија и сепаратистите сега имаат целосна контрола над регионот Луганск.

OhridNews