Украинската полиција денеска соопшти дека Русија од почетокот на денот извршила 203 напади и дека борбите се водат на речиси цела украинска територија.
Советник на украинскиот претседател претходно изјави дека се водат жестоки судири во регионите Суми, Харков, Херсон, Одеса и на воениот аеродром во близина на Киев.
Москва: Русија онеспособи 74 копнени воени објекти во Украина
Русија онеспособи 74 копнени воени инфраструктурни објекти во Украина, изјави денеска портпаролот на Министерството за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.
Овој број вклучува 11 аеродроми, три командни пунктови, украинската поморска база, како и 18 радарски станици за противвоздушни ракетни системи С-300 и БУК М-1, рече Конашенков.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу им нареди на командантите на руската армија да се однесуваат со почит кон украинската армија.
Украински Генералштаб: Од Белорусија истрелани балистички ракети, Париз со осуда за улогата на Минск
Четири балистички ракети беа лансирани од територијата на Белорусија кон територијата на Украина, изјави денеска началникот на Генералштабот на Украина Валериј Залужни.
Четири балистички проектили беа истрелани во правец на југозапад, објави Залужни на Фејсбук. Засега нема повеќе информации за наводите на Залужни.
Во меѓувреме, Франција ја осуди Белорусија како и Русија за нејзината улога во инвазијата на Украина. Жан-Ив Ле Дриан, министер за надворешни работи, јго осуди „користењето на територијата на Белорусија од страна на режимот на Лукашенко за оваа агресија врз суверена земја“.
Тој, исто така, рече дека Франција ќе ја зајакне својата поддршка за Украина „во сите нејзини форми“, иако не кажа дали тоа значи дека Франција ќе почне да испорачува оружје.
„Овој избор на војна претставува брутално кршење на меѓународното право“, рече тој.
OhridNews
извор. МИА