Руските трупи го напуштија регионот Суми во североисточна Украина, соопшти Дмитро Живјицки, началникот на регионалната администрација, пренесува ДПА. Живјицки на својот „Фејсбук“ статус посочи дека во регионот сега повеќе нема руски војници.

Тој го информира локалното население дека доколку слушне експлозии, тоа е поради активностите што на терен ги спроведуваат спасувачките служби и деминерите за отранување на експлозив и муниција што зад себе ги оставиле руските трупи.

Живјицки сепак предупредува дека регионот сè уште не е безбеден поради поставените мини на повеќе локации. Токму поради тоа, тој го предупреди локалното население да не се вози надвор од асфалтираниот дел од коловозите, да не се користат шумски патеки и да не се чепка оставена воена опрема.

Инаку Живјицки уште во неделата изјави дека почнало повлекување на руските трупи од областа.

Заедно со регионите Доњецк, Луганск, Харков и Киев, регионот Суми беше една од целите на руските трупи на почетокот на воените дејствија на руските сили пред повеќе од еден месец.

OhridNews