Украинската армија денеска демантираше дека гранатирала затвор во Донбас во источна Украина, област под контрола на проруските сепаратисти каде што биле држени украински војници, како што обвини Москва, која објави дека загинале десетици војници.
Украинските вооружени сили, кои целосно се придржуваат до принципите и нормите на меѓународното хуманитарно право, никогаш не бомбардирале цивилни структури, особено не на места каде што е можно да се држат воени заробеници, се вели во соопштението на украинската армија.
Таа ги обвини руските сили дека намерно го гаѓале затворот Оленивка за да ја обвинат Украина за воени злосторства и исто така да ги прикријат тортурата и егзекуциите што се случуваат таму.
Наведено е дека руските тврдења се дел од информативната војна за да се обвинат украинските вооружени сили дека гаѓаат „цивилна инфраструктура и население за да ги прикријат сопствените ужасни акции“.
Проруските сепаратисти кои ја контролираат областа денеска објавија дека најмалку 40 украински војници заробени за време на борбите за Мариупол загинале во украинското гранатирање на истокот на земјата.
Како што е наведено, најмалку 40 украински воени заробеници загинале, а 130 биле ранети кога украинските сили удриле во затвор во градот Оленивка.
Русија соопшти дека Украина користела повеќецевни ракетни фрлачи Химарс, обезбедени од САД, во нападот врз затворот во Олеинивка во регионот на Доњецк, кој е под руска контрола. Портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал Игор Конашенков, го опиша нападот како „крвава провокација“ со цел да ги обесхрабри украинските војници да се предадат. Тој, исто така, рече дека осуммина затворски чувари биле ранети во гранатирање.
OhridNews