Украина нема постигнато никаков договор со Русија за воспоставување хуманитарен коридор за цивилите од јужниот град Мариупол, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

Русија претходно соопшти дека денеска ќе отвори хуманитарен коридор за цивилите да ја напуштат челичарницата Азовстал во јужниот град Мариупол.

Верешчук за Би-Би-Си изјави дека Украина многупати слушнала дека руското Министерство за одбрана ќе прогласи прекин на огнот и ќе отвори хуманитарен коридор.

Но, додаде таа, Русија „никогаш не ги исполни своите обврски и не отвори коридор“.

Таа побара гаранции за безбедноста на цивилите.

Верешчук рече дека Украина сака Москва да му даде писмени безбедносни гаранции на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Досега имаше неколку неуспешни обиди за евакуација од Мариупол откако Русија го засили притисокот врз украинските војници и цивилите кои се засолнети во Азовстал.

OhridNews