Непознати сторители украле две фото замки (камери) за мониторинг на дивиот свет во заштитеното подрачје Споменикот на природа Вевчански извори, соопшти Еко-свест Вевчани.

Центар за истражување и информирање за животната средина информира дека се известени надлежните институции, на кои им ги доставиле доказите и видео снимките.

Системот на контиуниран мониторинг на природните вредности во заштитеното подрачје е научно-истражувачка обврска на Општина Вевчани, како управител на Споменикoт на природа „Вевчански извори“. Преку мониторингот, како што посочува Еко-свест, ја утврдуваат состојбата на популациите и ги идентификуваат заканите за опстанок, промените и нивниот интензитет.

Локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани со поддршка на ПОНТ, а во соработка со Општина Вевчани го спроведува проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“. Преку проектот, како што е наведено, се поддржува Општина Вевчани да воспостави систем на контиуниран мониторинг на видови кои се под закана и се значајни, како на локално, така и на национално и светско ниво.

Целта на мониторингот во заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански извори е добивање статистички факти за статусот на постоење на животинските и растителните видови, вклучително и за типовите на живеалишта, утврдување на појавност на клучни видови на животни и растенија, миграторните рути и репродуктивните локалитети кај видовите. Динамиката на растителните заедници и типовите живеалишта, идентификување и следење на еколошките параметри што влијаат врз опстанокот, заканите и притисоците врз популациите, како и обука на лица за спроведување мониторинг.

OhridNews