Во последните 7 дена од охридските улици и дворовите на куќи и објекти се украдени 43 шахти, соопшти надлежната општинска инспекција.
И порано се случувале кражби на шахти но во толкав обем како сега немало, вели Танас Танасоски, раководител на општинските инспекциски служби. Тој информираше дека во тек е широка акција на МВР и надлежните инспекции за откривање на сторителите. Постои голема опасност да дојде до повреда на граѓаните во некоја од многуте незаштитени шахти, вели Танасоси.
исчезнуваат шахтите од охридските улици
Штетата од кражбата е голема, а проблем е и тоа што поради различната големина на капаците тешко се обезбедува нивна замена. Цената на капаците се движи од 1200 до 1400 денари, вели Танасоски, додека во МЈП Проаква каклкулираат со 20 пати повисоки цени за санирање на оштетните шахти.
Танасоски информираше дека шахтите најчесто ги крадат лица кои не се од Охрид и дека украдените капаци се продаваат во отпад или во еден од 7-те нелегални откупни пунктови за собирање старо железо на територијата на Охрид.Тој рече дека сопствениците на отпадите биле информирани дека доколку кај нив биде откриен капак од шахта, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Од МЈП Проаква, упатуваат апел до граѓаните доколку забележат кражба на шахта истата веднаш да ја пријават за да се преземат заштитни мерки.
Г. Момироски