Грабеж се случил ноќеска во куќата на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, при што било украдено неговото возило „Ланчиа“, информираат од партијата за „Макфакс“.

Според нивните претпоставки, грабежот се случил ноќеска, кога покрај кражбата на автомобилот, бил обиен и домот на Бошкоски. Од ОМ засега немаат информации за евентуално украдени предмети од куќата.

„Ова е уште еден доказ дека случајот е монтиран и дека постои недостаток на аргументи во целиот случај“, изјави Наталија Ивчева, член на претседателството на ОМ во изјава за „Макфакс“.

Засега полицијата не го потврдува случајот.

Бошкоски беше уапсен и притворен на 6-ти јуни, поради сомнение за недозволено финансирање на изборната кампања на неговата партија. Парите кои се користат како доказ за ова тврдење беа откриени токму при претрес на автомобилот „Ланчиа“ на Бошкоски. Тој по извесно време бил вратен на семејството и оттогаш се до ноќеска се наоѓал во дворот на семејната куќа на Бошкоски.

Ова е втора провала во куќата на Бошкоски по неговото апсење. Во првиот случај на почетокот на јули беа украдени неколку пиштоли од неговиот сеф.

OhridNews
извор: „Макфакс“