Комисијата за заразни болести препорача укинување на сертификатите задолжителни за влез во моловите, односно онаму каде што не е задолжително носење маски.

Донесовме еден заклучок, а тоа е да се препорача укинување на сертификатите задолжителни за присуство на моловите, односно каде не е задолжително носење маски. Ова е еден чекор во насока на олеснување на рестрикциите, но секако за следнитот развој ќе бидеме многу внимателни, бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите мерки да постигнеме неочекувани резултати, рече денеска на прес-конференцијата по состанокот, претседателот на Комисијата Александар Петличковски.

Од Комисијата за заразни болести посочија и дека од денеска почнува кампања за закажување термини за сите оние кои имаат нецелосна вакцинација, односно тие што немаат примено бустер доза, а спаѓаат во ризичните групи.

Ризични групи граѓани, односно оние кои имаат над 65 години и имаат коморбидитети или помлади од 65, а имаат повеќе коморбидитети. Ќе им стигне СМС порака која ќе ги извести дека треба во точно одреден термин да го посетат пунктот за да бидат вакцинирани, информираат од Комисијата.

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок не дискутирала за укинувањето на мерката носење маски во училиштата со цел заштита од Ковид-19. Мехмедовиќ вели состојбата во училиштата е постабилна и би имало потреба од нов скрининг доколку се укине мерката.

Во однос на сертификатите во училиштата денеска не беше дискутирано. Епидемиолошката состојба во училиштата секако дека е постабилна. Направен е скрининг, скринингот покажа дека 0,8 проценти е трансмисијата помеѓу оние ученици коишто се избрани по случаен избор, меѓутоа би требало да земеме предвид една важна работа, а тоа е дека скринингот е направен додека важеше мерката за носење на маските во училиште, не е направен скрининг без маски во училиште и со таква мерка имаме таква трансмисија на вирусот. Дали би можеле да очекуваме исти резултати кога би ја укинале мерката, кога би ја промениле епидемиолошката состојба актуелна на теренот, тоа е нешто што епидемиолошки е нелогично ако се случи укинување на маските тогаш би требало да направиме веројатно нов скрининг и да се следи ситуацијата каква би била на трасмисија на вирусот доколку имаме такви нови околности, наведе Мехмедовиќ.

OhridNews