Владата на Република Македонија донесе одлука за прекинување на препораките за ослободување од работни обврски, како и укинување на рестрикцијата на работно време за вршење градежни работи на отворено кои требаше да важат до 4 август.

Министерството за здравство соопшти дека препораките се укинуваат поради најавата од метеоалармот на Управата за хидрометеоролошки работи дека во следните три дена ќе има намалување на температурите во цела држава.

Надлежните служби ќе продолжат континуирано да ја следат состојбата и да преземаат мерки согласно временските услови.

Инаку според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи времето денеска во Македонија ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб ветер од променлив правец. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност, со краткотраен пороен дожд и грмежи. Температурата ќе се движи од 26 до 37 степени.

За време на продолжениот празничен викенд ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Поизразена нестабилност се очекува во понеделник и вторник.

 OhridNews

Извор:„МИА“