Мерката притвор за Бранко Палифров и мерката куќен притвор за Соња Верушевска, е укината и тие се пуштени на слобода, но задржани им се пасошите, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1 – Скопје, пренесува „Макфакс“.

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги уважил предлозите на обвинетите Бранко Палифров и Соња Верушевска, обвинети во случајот „Пуч“, за кои се дел од предметот „Пуч“, за насилство спрема претставници на највисоки државни органи, односно шпионажа, поднесени преку нивните бранители за укинување на мерката притвор односно мерката куќен притвор и замена на истата со друга мерка за обезбедување присуство за водење на кривична постапка.

„Воедно советот го прифати и предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за укинување на мерката притвор за двјацата обвинети и определување гаранција и мерки за претпазливост“, се вели во соопштението од судот.

Со тоа, мерката притвор на обвинетиот Бранко Палифров од Струмица, заради основано сомнение дека сторил кривично дело „насилство спрема претставници на највисоки државни органи“ и мерката куќен притвор на обвинетата Соња Верушевска од Скопје, поради основано сомение дека сторила кривично дело „шпионажа“, се укинуваат.

„Се определува гаранција за двајцата обвиени во одреден износ што се состои во хипотека на недвижен имот и им се определува мерка за претпазливост односно одземање на патните исправи за преминување на државната граница. По правосилноста на ова решение, се наложува на Агенцијата за катастар на недвижности да стави хипотека на недвижниот имот даден како гаранција , а по запишување на имотот, двајцата обвинети да бидат пуштени да се бранат од слобода“, соопшти Основен суд Скопје 1 – Скопје.

Пред неколку дена, судот го укина најпрво притворот за Соња Верушевска и го замени за куќен притвор, за сега потполно да го укине.

OhridNews
извор:„Макфакс“