Втор пат по ред на редовниот судиски семинар една недела пред стартот на македонскиот фудбалски шампионатот, гостин беше инструкторот од Уефа Јап Ујленберг. Ујленберг кој одржа неколку предавања можеше на лице место на теренот на Билјанини Извори да се увери во физичката подготвеност на арбитирите. Холанѓанецот за “Ohridnews” одговори на неколку прашања.
Дали сте ги гледале натпреварите од македонскиот шампионат и како македонските судии ги применуваат правилата на Уефа ?
– Не сум во можност да ги гледам натпреварите од македонското првенстово , но од снимките што ги гледав овде во Охрид, судиите добро се справуваат, но и тие како и сите судии во светот прават грешки и мора да се прифатат нивните грешки, Нема судија кој не грешел дури ни господинот Колина во своите најдобри години правеше грешки .
Неколку пати доаѓате во Македонија. Како го оценувате напредокот на судиите?
– За мене најважно е тоа што гледам група која сака да напредува, тоа Што вашата лига е послаба, си го зема данокот. До колку водите натпревари од посилните лиги тогаш вашиот напредок е далеку побрз. Но вашите интернационалци Ставрев, Мечкароски и Спиркоски одлично ги водат натрпреварите кои сме им ги довериле, и ние сме задоволни од нивниот напредок и прогрес.
Секој судија греши, колку е важно тој да “живее” со таа грешка?
– Доколку судијата не може да живее со грешката, тогаш уште одма нека престане со судење, бидејки нема човек на планетава кој не греши. Мислам дека судиите не прават ист број на грешки како фудбалерите, но нивната грешка е во фокусот на вниманието. Во оваа недела имавме можност да видиме како и во топ натпреварите како што е Лигата на шампиони се прават грешки. Се додека немаме технички помагала ќе биде вака.
Дали ваквите грешки ја притискаат Уефа да размислува за имплементација на техничките помагала ?
– Треба да ја искористиме секоја можност кој ќе помогне во подобрување на судењето. Сега ние (УЕФА) го имплементираме експериментот со пет – шест судии, да ги видиме резултатите од овај експеримент па ќе ги превземеме наредните чекори. Мора да се прифати и фактот дека техничките помагала се многу скапи и многу е тешко да се употребуваат на секаде низ светот- заврши Ујленберг.
М.Постоловски
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com