На овогодинешниот натпревар во роботика РобоМак 2015 што се одржа во Скопје од 9 – 14 јуни, во категоријата Роботска рака со златен медал се здоби Филип Илиески, студент на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид.
Успешниот победнички проект ја претставува работата на две роботски раце оспособени за исполнување на специфични задачи што вклучува прецизни и брзи движења, кои притоа самостојно селектираат производи за рециклирање.
На овој натпревар учествуваа осум студенти од УИНТ „Св. Апостол Павле“, а освоениот златен медал е уште еден доказ дека студентите на УИНТ успешно го применуваат стекнатото знаење и вештини од областа на информатичките технологии и роботиката. Како што изјави победникот, на овој натпревар веќе учествува по трет пат и е најдобриот натпревар во роботика кадешто има можност да се претстават многу иновативни идеи и да се остварат нови професионални контакти.
Инаку РобоМак е меѓународен натпревар за роботика и вештачка интелигенција, организиран од страна на студентската секција на ИЕЕЕ Македонија во соработка со различни студентски организации. Оваа година настанот се одржа по шести пат. Визијата на овој настан е да се популаризира роботиката меѓу студентите и младите луѓе во Македонија и регионот, како и да се иницира и подкрепи работата на многу други проекти од областа на роботиката.
OhridNews