Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид се вклучи во одбележувањето на Меѓународниот ден на жените и на девојчињата во науката, со предавање на кое професорки, студентки и дипломки од образовната установа ги презентираа своите искуства во информатичките технологии, своите успешни животни приказни.

Проректорката на УИНТ, проф. д-р Устијана Речкоска-Шикоска, пред младите студентки посочи дека научната наобразба во државата дава доволно можности за вклучување на жените во научниот сектор и во областа на информатичките технологии.

Како што истакна Речкоска-Шикоска, уште од формирањето на Универзитетот во 2009 година, голем број млади студенти дипломци на оваа високообразовна установа, од кои значен број од женскиот пол, веќе градат успешни приказни, дел од нив се дошколувани во светски универзитетски центри, а некои се успешни инжинери во престижни компании по информатички технологии.

Во услови на светската криза и неодамнешните блокади наметнати од пандемијата на коронавирусот, информатичката професија и во такви сложени околности нуди работа од дома, работа и понуда на светските пазари, со запазена важна компоненета што недостасува кога сме во странство – близината до семејството, а истовремено целосно професионален ангажман. Нашите дипломи се меѓународно признати, со тоа тие се и барани на светскиот пазар на трудот, како на дипломци, така и на магистранти и докторанти. Наш кадар е професионално ангажиран како инжинер за безбедност во Светска банка, рече Речкоска-Шикоска.

Универзитетот во Охрид од оваа година за младите информатичари воведува 15 студиски програми, дел осовременети, но и нови, со директна примена на ИТ во потребите на општеството.

За сите млади млади луѓе кои што имаат афинитет за познавање на информатичките технологии, но и на други научни дисциплини, нудиме олеснети, пократки програми, со фокус ставен врз изучување на софтверските алатки што се бараат во соодветните компании, со примена на информатика во најразлични области на современото живеење, знаења што нудат брзо вработување, но и можности за разработување сопствен бизнис без обемни финансиски издатоци и инвестиции, рече таа.

Како пример се посочени програмите за примена на економските, правните науки, на мултимедијата, роботиката и вештачката интелигенција за поддршка на локално, но и национално ниво, сето тоа преку активна примена на информатичктите науки и технологии.

Последните месеци релизиравме голем број од потпишаните меморандуми, истите се активни, не останале само на ниво на договор. УИНТ извршува и истражувачки, но и активности од ИЦТ и програмирање за поддршка на компаниите и институциите во градот како Заводот за кардиоваскуларни болести, Општинската организација на Црвениот крст, Градската библиотека…со директна примена на ИТ во потребите на Охрид…Зошто да не го направиме ’паметен’ град, истакна проф. Устијаноска-Шикоска.

OhridNews