Според информациите од синоптичарите, попладне ќе има локална појава на нестабилност, која поради големата енергија во атмосферата ќе биде во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град.

Во рамки на Секторот за хидрологија се извршени согледувања на одредени прогностички модели и насоки за поројни поплави, достапни на хидролозите од УХМР (Слики 1,2,3). Од овие модели може да се утврди дека се можни врнежи на целата територија на државата со различен интензитет. Според моделот за врнежи ICON (Сл.1) се очекува врнежи да има на западот, додека моделот NNM (Сл.1 и Сл.2) најавува врнежи во централните и источните делви од земјата и поинтензивни врнежи на северот и југот. Според FFGSystem-от (Сл.3) за поројни поплави, поројни врнежи се можни во делови од Шар Планина, Скопска Црна Гора, Осоговските Планини, Солунска Глава, Ниџе и Баба Планина и тоа во Тетовско, Скопско, Битолско, Кумановско и.т.н. – предупредува УХМР.

Доколку се случат овие врнежи за краток временски период можна е појава на брзо истекување на водите по малите водотеци и суводолиците во посочените планински делови и региони, а доколку овие врнежи ги погодат градските средини можни се локални урбани поплавувања во зависност од капацитетите на атмосферските канализации и почитувањето на прописот атмосферските води да не се влеваат во канализационите мрежи, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Иако кај поголемите реки не очекуваме големи покачувања на водостоите, предупредуваме на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците поради можна појава на опасни води, појава на свлечишта и одрони. – се вели во соопштението.

OhridNews