Во пресрет на најавеното укинување на дел од мерките и ограничувањата донесени поради епидемијата на вирусот КОВИД 19 и разгледување на можноста од страна на Комисијата за заразни болести за повторно отворање и работа на угостителските објекти, Агенцијата за храна и ветеринарство подготви сет на препораки за организирање на работата на угостителите во услови на пандемија со корона вирусот.
Целта е со препораките да им се помогне на операторите со храна кои се занимаваат со угостителство правилно да ја организираат работата во објектите, создавајќи услови преку максимално почитување на мерките за заштита, да се заштити здравјето и на вработените и на гостите, но и да се одржи високо ниво на хигиена во угостителските објекти, велат од АХВ. Според најавата на Комисијата за заразни болести угостителските објекти како што се рестораните ќе почнат со работа во втората фаза од воведувањето на релаксираните мерки, која согласно трендот на новозаболени од корона вирусот, се очекува да биде после 19 мај. Според стручните лица, со вакви мерки на заштита и претпазливост и во овој дел од стопанството, државава ќе живее во текот на целиот летен период, бидејќи оваа пандемија не е како сите досега познати заразни болести.
Покрај спроведување на темелна дезинфекција на објектите и површините и опремата, пред започнувањето со работа, неминовно е да се изврши и дезинсекција и дератизација во угостителските објекти. Угостителите треба да спроведуваат строги мерки за избегнување на евентуален пренос на инфекцијата меѓу вработените и гостите, пренос на инфекцијата преку контаминиран прибор и опремата која доаѓа во контакт со храната и гостите, како и мерки за избегнување на пренос на инфекцијата при прием на храната и послужувањето на гостите. – информира АХВ.
Примарна останува примена на мерките за лична заштита како што се носењето на заштитна маска од страна на вработените, одржување на хигиена на рацете, физичко дистанцирање од 1,5 – 2 метри меѓу самите вработени и со гостите, но пред се избегнување на допирање на очите, носот и устата. Задолжителна ќе биде дезинфекцијата на рацете и на гостите и на вработените кои тоа треба да го практикуваат почесто, односно во неколку наврати во текот на подготовката и послужувањето на храната. Покрај основната, за вработените треба да се обезбеди и дополнителна заштитна опрема, како што се штитови за лице, водонепропустливи престилки, гумени ракавици и чизми.
Во поглед на организирањето на примот на гостите, масата треба да биде максимум за 4 гости кои ќе бидат сместени на површина од 10 квадратни метри. Растојанието од задниот дел од столицата до задниот дел од столицата на соседната маса треба да изнесува најмалку 1 метар, а гостите да се гледаат едни со други на растојание од најмалку 1, 5 метар. Во помалите објекти, треба да се разгледа и можноста за шалтерско послужување. – објаснуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Г.М.