Независна угостителска комора (НУК), до Владата денеска достави пет барања за угостителската индустрија со предлози за дополнителни мерки кои треба да бидат опфатени во креирањето на новиот петти сет економски мерки:

  • Континуитет во помошта – безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до званично завршување на пандемијата Ковид-19
  • Директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители по принципот на доделена ваква помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани
  • Безусловна достапност на угостителската дејност до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основ на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс периоди за надминување на проблемите со ликвидноста
  • Изедначување на ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10% на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти
  • Одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со греј период или наплата по завршување на пандемијата Ковид-19

Не постои во светот индустрија која може да издржи и опстане со месеци соочена со континуирани бројни рестриктивни мерки и протоколи со ограничувања во своето работење на 30 и 50 проценти од своите капацитети. Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни 100% обврски, додека прометот и приходите се толку смалени што тековното работењето на угостителските објекти наместо планирани добивки генерираат енормни трошоци и загуби. – велат од НУК.

Државата и Владата мора да ја превземат целосната обврска и одговорност за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата Ковид-19 и безрезервно да креираат посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош. Доколку се направат правилни економски мерки за помош и поддршка, реална политика во репрограмирање на долговите со достапност до долгорочни кредити и друга поддршка на работењето за сите угостителски објекти, сигурни сме дека угостители во наредниот период-години во целост не само што ќе ги надокнадат загубите и штетите, туку ќе остварат доволно приходи со кои ќе можат да ги подмират сите обврски и трошоци настанати од тековното работење и навреме да ги сервисираат превземени обврки по основ на репрограмирање на долгови, истакнуваат од Независната угостителска комора.

НУК предлага и дополнителни мерки неопходни за опстанок на угостителската индустрија, пред се финасиска помош и поддршка за трошоци за закуп-користење на деловен простор – угостителски објект и тоа:

  • Целосно или парцијално ослободување на закупот на корисници кои се закупци на деловен простор во државна или локална сопственост за периодот Март 2020 – Март 2021 година
  • Целосна или парцијална финансиска помош во висина на договор за закуп – платена закупнина но не повеќе од 15 евра/м2 во зависност од локацијата односно од 5-15 евра/м2 за периодот Март 2020 – Март 2021 година
  • Ослободување и намалување на закупот на корисници кои се закупци на деловен простор во државна или локална сопственост (Школи, Градински, Општини и слично) за периодот додека траат посебните протоколи за работа односно не работеле институциите каде се наоѓа овој деловен простор.

НУК бара законска регулатива со локалната самоуправа за регулирање на трошоците на поставување на урбана опрема во периодот на пандемија, односно целосна финансиска субвенција и помош или целосно ослободување на надоместот за поставување на урбана опрема – тераси за периодот Март 2020 – Март 2021 година како и целосно ослободување на плаќање на надомест на трошоци за поставување на урбана опрема до укинувањето на протоколите за работа на угостителски објекти и ослбодување на 50% на трошоците за надомест на поставување на урбана опрема за првата година по завршување на пандемијата Ковид-19.

Угостителите бараат и одлагање на принудна наплата на долговите створени во услови на пандемија Ковид-19 према државните институции со нивно репрограмирање и тоа на период од 6 месеци грејс период и минимум 2 години исплата. Исто така НИК предлага во соработка со сите угостителски комори креирање на единствен регистар на угостителски објекти со нивна целосна класификација и категоризација врз основ на која регистрација ќе се врши распределба на финансиска поддршка и финансиска неповратна помош за угостителите

Независната угостителска комора бара и унифицирање на протоколите за работа на угостителските објекти во 2021 година за целокупната угостителска индустрија, враќање во целост на работното време на угостителската индустрија согласно законот за угостителска дејност, веднаш укинување на рестриктивни забрани за работа на угостителските објекти како што се јачината на музиката и настапот на естрадни уметници и воведување задолжително активно учество на претставници на коморите во дискусиите при креирањето на сите препораки за рестриктивни мерки во Комисијата за заразни болести за угостителската индустрија.

OhridNews