– Да не бидеме претерани песимисти, но се очекува со стапување на сила на Законот за заштита од пушењето прометот во угостителските објекти кај нас да падне за околу 50%, а бројот на вработени во оваа дејност да се намали за 30%, што за град како Охрид каде главно младите се вработени во угостителски објекти се плашам дека ќе биде погубно, ни изјави Драган Битраковски- угостител од Охрид.
Со Законот за заштита од пушењето предвидени се рогорозни казни, кои, како што вели Битраковски, се највисоки во споредба со другите држави од Балканот иако Македонија има понизок стандард во однос на нив.
– Казните се движат од 4500 евра за правното лице, 300 евра за пушачот и единствено само во Македонија предвидена е глоба од 1000 евра за одговорното лице во објектот каде ќе биде затекнато лице како пуши, додава Битраковски.
Охридските угостители посочуваатпо дека во повеќе западноевропски држави, Германија, Белгија, Чешка, но и во земјите од опкружувањето како Грција и Хрватска, каде законот веќе функционира, е извршено одредено олабавување во законот и пушењето повторно е дозволено во угостителските објекти. Тие сметаат дека слични измени треба да се направат и во македонскиот закон.
– Законот е пресликан од некои современи западноевропски држави, земен е како суровина и ставен е во нашиот закон без никаква обработка. Ние сме земја со традиција, производител на тутун и држава со голем борој пушачи, но сето тоа не е земено во предвид при носењето на законот. Сметам дека може да се продискутира околу овој закон да се омекнат ставовите и да се дојде до некое компромисно решение, да не се дискриминираат и пушачите, вели охридскиот угостител Сашо Божиноски.
Според него не може во еден кош да се стават сите објекти и строго да се забрани пушењето, бидејќи, како што вели, тоа ќе биде погубно за многу мали бизниси.
– Надлежните институции ќе мора да не сослушаат и да не прашаат како ни е и нам како угостители, бидејќи не само ние, туку и државата ќе трпи загуби затоа што ќе се зголеми невработеноста, ќе се намали прометот, а со тоа и даноците кои ги прибира државата, посочува Божиноски.
Чадот од цигарите во угостителските објекти го консумираат и непушачите, но и естрадните уметници кои настапуваат таму.
Тие го поддржуваат Законот за заштита од пушењето, но сметаат дека со него се прави и одредена дискриминација.
– Лично ако ме прашувате мене јас сум да нема пушење бидејќи на сите наши настапи ние го извлекуваме најдебелиот крај од причина што додека настапуваш си качен на највисоките места и цел чад оди во тебе, поготово тоа им пречи на пејачите. Настапуваме во дискотеки и по клубови и нормално тоа е наш избор, но сепак мислам дека забраната за пушење е дискриминација на луѓето и не треба веднаш да се пресече, туку да си постојат објекти во кои смее да се пуши, во кои не, да се поделат на некој начин или да се воведат лиценци. Но во јавни установи од типот на болници, библиотека, училишта, сендвичари и слично треба да е строго забрането пушење и да нема никави лиценци, затоа што да седнеш да јадеш, а некој да ти чади, е многу страшно – вели Панчо од познатиот музички состав „ДНК“.
Загриженост околу новиот Закон за заштита од пушењето има и во охридската локална самоуправа. Претседателот на Советот, Душко Јаковчески смета дека законот е меч со две острици и дека може да дојде до намалување на прометот во туризмот, особено доколку се земат во предвид навиките на народот и нашите туристи.
– Најдобро е да се изнајде некое средно решение со кое би биле задоволни и угостителите и институциите, во секој случај во интерес на градот, на туризмот и во интерес на прибирање на тие средства што ги добиваме од туризмот и ние како општина, но и држава, вели Јаковчески.
Тој најави дека општината серизоно ќе ја разгледа иницијативата на угостителите и ќе исконтактира со сите структури за да се најде соодветно решение.