Угостителските објекти би можеле да почнат повторно со работа веќе од наредниот вторник, доколку Владата усвои таква одлука до петок, најави министерот за здравство Венко Филипче. Тие ќе работат во согласност со безбедносниот протокол што беше изготвен изминатиот период, за што угостителите интензивно се подготвуваат.

Владата, исто така, ќе треба да се произнесе и по предлогот на комисијата за заразни болести која предлага 58 часовен карантин од сабота во 19 часот до вторник во 05 часот, во продолжениот викенд со два празника, по кој се очекува релаксирање на мерките за заштита од коронавирусот.

Што се однесува до отворањето на границите, министерот за здравство повика на внимателност. Посочи дека пребрзото отворање на граничните премини може да ги урне досегашните здравствени стратегии на државите и да предизвика ескалација на кризата предизвикана од вирусот Ковид 19.

Г.М.