Новите сет мерки кои од денес стапија на сила за влез во угостителските објекти, во суштина не се голема разлика од претходниот сет мерки, сметаат угостителите. Како што вели претседателот на здружението „Угостителски еснаф“, Михаил Мишев, откако беше донесена мерката во угостителски објект да може да влезат само вакцинирани лица барем со една доза или лица кои го прележале вирусот во последните 45 дена , голем дел од потенцијалните гости се ре-вакцинирани, така да оваа нова мерка нема многу да го промени односот на посетители, меѓутоа, потребно е да се размислува за државна помош. Според калкулациите на угостителите, прометот е паднат за 30-35% од проекцијата за годинава.

Како угостители се надеваме дека ако веќе почнале да мислат на мерките за угостителските објекти ,може да се размислува во насока и некако да се субвенционира нашето работење од 16-ти август навака, бидејќи тука бевме најмногу погодени. Со воведувањето на сетот мерки од август годинава, според сите сродни здруженија, прометот падна на 30 до 35% од проекцијата која што ја имавме за периодот. Тоа се големи бројки, поразителни за работата и голем дел од угостителите се вознемирени како ќе го поминат зимскиот период, вели Мишев.

И годинава најверојатно ќе изостанат организираните забави и прослави , карактеристични за  предновогодишниот период кој следи. За потсетување, минатата година угостителските објекти во предновогодишниот период работеа до 21 часот, а за Нова година дозволено беше да работат до 18 часот.

Организирани забави нема да може да се организираат како што беше порано бидејќи за секого новогодишните прослави предвидуваат некаков тип на собирање, организирање прослава. Меѓутоа сега ќе сме малку хендикепирани од фактот дека не ќе можеме да организираме такви прослави доколку нешто не се промени, вели Мишев додавајќи дека се надева оти нема да има зголемување на бројот на новозаразени како што е случај во останати европски земји и ќе има подобрување на ситуацијата.

Имено, Министерот Филипче, денес преку соопштение апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките и оние кои сеуште не се вакцинирани што побрзо тоа да го сторат. Покрај мерката за приложување сертификат за примени две дози вакцина, или прележан Ковид-19 во последните 45 дена, Комисијата за заразни болести не се произнесе со друг предлог мерки, бидејќи актуелните, како што велат, се доволни ако се почитуваат. Претходно, Филипче апелираше граѓаните да се воздржат од собирање и  организирање на домашни слави периодов.

 

К.А.