Инспекторите од охридското одделение на Државниот пазарен инспекторат во јули наплатиле повеќе од 5 илјади евра од угостителите заради непочитување на работното време.

„Повеќето од сопствениците на угостителските објекти ја избраа можноста што им ја нуди законската регулатива, и наместо да бидат затворени нивните објекти, тие  уплатија по 150 илјади денари  парична казна на сметка на државниот буџет”, вели раководителот на охридската пазарна инспекција, Ѓоко Бошалески. Според него, пазарните инспектори за време на летната сезона секоја вечер вршеле контроли од кои произлегува дека повеќето угостители го почитувале работното време, до 2 часот по полноќ.

Во текот на сезоната, инспекторите  одзеле стока од познато лице во вредност од  околу 83.000 денари, и стока од непознато лице која вредела околу 20. 000 денари.Бидејќи лицата не биле регистрирани за вршење ваква дејност, против нив се поднесени и барања за поведување прекршочна постапка до Основниот суд во Охрид, како и до прекршочната комисија при Министерството за економија.

“Во борбата против сивата економија и пиратеријата запленивме компакт-дискови во вредност од над 40.000 денари”, вели Бошалески и додава дека контролите во овој домен продолжуваат и по завршувањето на туристичката сезона.

Пазарните инспектори од денеска започнаа поинтензивно да ги контролираат објектите во кои се продаваат алкохолни пијалаци. Продажбата на алкохол е забранета на бензиските пумпи, во киосците, како и во колонијалните продавници кои работат во рамките на зелените пазари. Објектите во кои ќе  се продава алкохол треба да исполнуваат одредени услови, но не и да продаваат вакви артикли во времето од 19 до 06 часот. Лиценците за продажба на алкохолни пијалаци ги издава Министерството за економија за времетраење од две години,а по цена од 20.000 денари.

А.    Ристоска