Ниту еден од угостителските објекти на охридската ривиера не го почитува Законот за бучавост,  покажала контролата на општинската инспекција.

Испекцијата деновиве извршии контрола на четириесетина угостителски објекти во Охрид и Пештани кај кои беше утврдено дека најмалку за двојно ја надмашуваатдозволената граница на бучавост од 45 децибели, вели Танас Танасоски, раководител на општинскиот инспекторат. Тој информираше дека инспекцијата поднела 12 мандатни казни и 5 прекрршочни пријави против сопственици на угостителски објекти, а санкции им се закануваат на уште толку угостители.
 
Казната за преголема гласност за физичко лице изнесува 300 евра, додека за правни лица од 2000- 5000 евра, а инспекторите и полицијата дури можат и да го затворат објектот кој произведува поголема бучавост од законски дозволената.

Угостителите се револтирани на однесувањето на општинскиот инспекторат од каде пак велат дека само постапуваат по жалби на граѓаните. Угостителите  сметаат дека во туристичката сезона не треба да се вршат вакви контроли, бидејќи како што велат и без вклучена музика угостителските објекти кои се преполни со гости произведуваат бучавост поголема од дозволената. Еснафот на угостители  укажува дека дозволеното ниво на бучавост од  45 децибели, не одговара на реалната состојба и дека е потребна корекција на законот.  Законот за бучавост  е препишан од законот кој важел во бивша Југославија кој ниту тогаш се применувал, а камо ли сега, вели Ерол Сулејманоски, од Еснафот на угостители Охрид. Тој најави дека еснафот ќе покрене иницијатива за промена законот за бучавост и дека по судски пат ќе ги оспори прекршочните пријави кои инспекторатот ги поднел против угостителите.

Угостителите бараат наместо државата да применува  репресивни мерки, конечно да го донесе посебен закон  за Охрид со кој прецизно ќе се уредат правилата на однесување на сите туристички чинители.

Ohridnews