Претстaвниците на полицијата укажаа дека законските прописи треба да се почитуваат и дека во соработка со инспекциските служби ќе се контролира работата на угостителските објекти. Тие предупредија на високите казни за непочитување на јавниот ред и мир, присуството и точење алкохол на малолетници, како и на зголемената бучавост, што според нив е најголем проблем. На тоа укажаа и претставниците на инспекциските служби кои посочија дека најголем број од поплаките на граѓаните се однесуваат на гласната музика. Тие побараа од угостителите да изнајдат начин овој проблем да се елиминира, затоа што во спротивно од опоменување инспекторите ќе мора да преминат на санкционирање.
Од Комисијата за прекршоци при СВР Охрид информираа дека речиси и да нема угостителски објект во градот кој не ја надминал дозволената граница на гласност од 55 до 60 децибели и дека бучавоста е сериозен проблем.
Угостителите најмногу забелешки имаа на односот на одредени службени лица, и некоординираните проверки на нивното работење. Речиси да нема ден некаква инспекција да не не посети, што остава негативен впечаток кај туристите, рекоа угостителите. Тие укажаа дека сезоната е прекратка и доколку продолжи притисокот врз нив со ригорозна примена на законите, ќе има сериозни последици по угостителската дејност. Тие предложија ваквите средби да не се одржуваат само пред почетокот на туристичката сезона, туку и по нејзиното завршување за да може поефикасно да се решаваат проблемите.