Потребна е поголема соработка при подготвувањето на мерките кои владата ги презема за помош на погодените претпријатија од коронакризата, сметаат од Групацијата на угостители во Туристичко угостителската комора при ССК, кои денес остварија средба со министерката за финансии Ангеловска и министерот за економија Бектеши.
- Дел од нашите предлози беа и јавно изнесени, би ги издвоил минимална бруто плата за вработените, можност за субвенција на закупнини во висина од 50 отсто од склучените договори, времено одложување на обврските за режиски трошоци и даночни одложувања. По однос на овие наши доставени барања, до денес сѐ уште нема официјален одговор, рече по средбата Мартин Ангеловски од Групацијата на угостители.
Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека владата ќе продолжи да биде флексибилна и да го слуша гласот на бизнис секторот при креирањето на мерките со цел да им се овозможи на компаниите полесно да го пребродат кризниот период.
- Ги следиме сите случувања во секторот туризмот имајќи предвид дека тој е еден од најважните сектори во однос на девизниот прилив и директниот ефект кој го има врз економијата. Претходните години имавме одлични резултати во овој сектор и должни сме со сите засегнати страни да работиме што полесно да ја пребродат оваа кризна состојба, изјави Бектеши.
На денешниот состанок со претставниците од туристичко-угостителскиот сектор едно од барањата и главните прашања било дека тие сакаат да вратат дел од работниците за да аплицираат за понудените мерки.
- Тие велат, ние имаме намалување над овие бројки. Дали може државата да ни овозможи да ги вратиме работниците? Тоа е единствено за интересот на работниците за ничиј друг интерес. Во време кога се затворени, ние велиме за да ја користите мерката, морате да ги испочитувате овие услови, вели министерката Ангеловска.
Таа се согласува со тоа дека е краток периодот за да ги вратат вработените, меѓутоа, вели, тоа е на некој начин добар проблем кој ќе се потрудат да го решат во следните ден-два.
- Тоа е добар проблем, затоа што сега се соочуваме со прашање како да ги вратиме работниците кои во моментов добиле отказ или спогодба. И тоа е првиот чекор што треба да се знае, што треба да се има предвид. Ќе најдеме солуција и ќе ги видиме бројките за да видиме колку од овие работодавачи ќе ги вратат назад работниците на своите работни места, потенцира Ангеловска.
Таа додаде дека доколку тие не ги вратат, доколку тие имаат намален број на вработени во март, нема да можат да аплицираат за мерката.
Хотелиерите и угостителите изразија надеж дека нивните капацитети наскоро ќе започнат со работа со цел да ги покријат основните трошоци.
- За жал, не може да предвидиме кога ќе се отворат хотелите, но се надеваме дека тоа ќе биде набрзо. Ќе се навикнеме на еден нов живот и на нови мерки кои очекуваме наскоро да бидат донесени. Се надеваме дека ќе имаме малку поинаква сезона во која ќе можеме да испливаме и да изработиме нови планови за 2021 година, вели Крсте Блажевски од ХОТАМ.
OhridNews