Намалување на ДДВ од 18% на 5% за храната во хотелите и рестораните, стимулации во угостителството, односно хотелиерството, иницирале претставниците на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија на седницата што се одржала минатата недела.
Како што информираат од Комората, членките на здружението веќе подолго време ги анализирале состојбите и разговарале за идејата да се покрене иницијатива со која ќе се предложат серија конструктивни мерки што ќе значат финансиско растоварување на хотелско – угостителскиот сектор и индиректен стимул за нови инвестиции и модернизација на постојните капацитети
-На состанокот на Здружението во Комората беа присутни и државниот секретар за туризам при Министерството за економија, Шефкет Хазари, како и претставникот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Зоран Николовски. Тие ги слушнаа забелешките и проблемите на членките на Здружението на угостителството и туризмот и констатираа дека владините институции остануваат партнер на бизнис – секторот и се подготвени да и слушнат нивните сугестии и предлози. Притоа, посочија дека бизнис – секторот ќе мора за секое свое барање да достави сериозна издржана анализа со податоци и аргументи, информираат од Здружението при СКМ.
На состанокот присутните разговарале и за повеќе проблеми со кои се соочуваат секојдневно, како што се високиот износ на ДДВ, ограничувањето на работното време на угостителските објекти во рурални средини, стимулациите во угостителството, односно хотелиерството, законот за пушење, високите давачки и друго.
Бизнисмените инволвирани во хотелско-угостителскиот сектор истакнале дека треба да се иницираат измени и на Законот за угостителската дејност. За таа цел биле направени работни групи кои во следниот период ќе треба преку аналитички пристап да изработат предлог- иницијативи за менување или носење решенија со кои ќе се обезбеди подобар бизнис- амбиент во секторот.
OhridNews