Младата мечка која неодамна беше забележана во водите на Охридското Езеро кај некогашниот камп „Турист“ во близина на Радожда, починала како последица на повреда, информираат од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“. Според здружението мечката починала во големи болки. Нејзиното тело во моментов лежи на патот за Мали Влај. 

„Анима Миунди“упати остра критика со институциите за односот кон животните, кој според здружението е крајно несоодветен.

-Мечките се заштитен вид во Република Македонија. Сепак во Македонија не постои ниту една служба која дејствува и укажува помош на дивите животни во нашата држава. Паралелно, ловот е во полн ек, се субвенционира, поттикнува ловен туризам каде странци доаѓаат да се изживуваат врз животните кои се во нивните матични земји под заштита , планините ни се крвави. Крвави се и парите заработени со животите на животните. И оваа мечка е веруваме застрелана а ако е така куршумите би можеле да се лоцираат во нејзиното тело и по нив фати сторителот. – велат од „Анима Мунди“.

Ова здружение смета дека постои инертност и незаинтересираност, како и недостиг на капацитет и стручност кај надлежните институции да им се помогне на животните, посочувајќи го примерот со ранетиот лебед на Охридското Езеро.

-Дури по крената медиумска врева од „Анималиа“, надлежни лица излегоа на терен да го заловат лебедот. Ловот беше неуспешен, лебедот само го истраумираа, а тоа доволно кажува за непрофесионалниот пристап на службите кои по дифолт требаше да си ја завршат работата. Од страв дека при повторно вакво некомпетентно заловување на Џорџ би можело да му пукне срцето, сега здружението „Анималија“ повикува тој да се остави на мира да живее вака со повредено крило, па колку му биде пишано – зошто повторна нестручна хајка по него, може да го чини живот. – предупредуваат од „Анима Мунди“.

OhridNews