Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, закажа за утре вонреден состанок на Извршниот комитет по повод руската инвазија на Украина.

Раководството на УЕФА на состанокот треба да расправа за повеќе фудбалски теми во контекст на новата состојба во Европа, а најверојатно главното прашање ќе биде одредување на местото на кое ќе се игра финалето во Лигата на шампиони.

Од порано е утврдено дека завршниот натпревар ќе се игра во Санкт Петерсбург, но се почести се барањата финалето да не се одржи во вториот по големина руски град.

Состојбата дополнително ја комплицира актуелната поврзаност која ја имаат УЕФА и Русија, а пред сè спонзорскиот договор со руски Газпром, вреден 35 милиони евра на годишно ниво.

OhridNews