УЕФА отвори дисциплинска постапка против претседателот на ПСЖ, Насер Ал Келафи, поради непримерно однесување по елиминацијата од Реал Мадрид во осминафиналето во Лигата на шампиони (ЛШ).

Реал во средата на „Сантијаго Бернабе“ го совлада ПСЖ 3-1 и ја надомести негативата од 0-1 од првиот натпревар во Париз со што обезбеди пласман меѓу осумте најдобри екипи во ЛШ.

Шпанските медиуми објавија дека Ал Келафи по натпреварот во Мадрид упаднал гневен во собата на судиите, обраќајќи им се со висок тон. Претставник на Реал Мадрид со својот мобилен телефон го снимал однесувањето на првиот човек на францускиот шампион, по што Ал Калафи насилно му го одзел телефонот и му се заканил дека ќе го убие.

Потврдуваме дека е отворена дисциплинска постапка и оти одлуката ќе биде донесена во разумно време, соопшти УЕФА, додавајќи оти под истрага е и однесувањето на спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо.

OhridNews