Дисциплинската комисија во Европската куќа на фудбалот (УЕФА) не му прогледа низ прсти на Серхио Рамос и го суспендираше два натпревари за жолтиот картон кој го изнуди на мечот со Ајакс во Амстердам.

„Кралевите“ во финишот од првиот натпревар со Ајакс постигнаа погодок за водство 2-1, а Серхио Рамос  поволниот резултат го искористи да изнуди жолт картон. Жолтиот картон беше вкупно втор за дефанзивецот, што автоматски значи пауза од еден натпревар. Со оглед дека актуелниот шампион обезбеди добар резултат и меч на домашен терен Серхио Рамос умислено го направи грубиот фаул за жолт картон.

Капитенот на „кралевите“ дури и сам призна за умислата, а на УЕФА не му преостана ништо друго освен да го казни фудбалерот на Реал Мадрид.

Серхио Рамос ќе го пропушти реваншот со Ајакс во 1/8 финалето на Сантијаго Бернабеу и првиот натпревар од 1/4 финалето, ако „кралевите“ обезбедат пласман понатаму.

OhridNews