Шпанското финале во купот на УЕФА, помеѓу бранителот на титулата Севиља и Еспањол, според најавите на фудбалерите на двата тима, но и според последните средби во првенството ќе биде богато со голови.

Како увертира за натпреварот во среда, на „Хемпден парк во Глазгов, Севиља со 2-1 го порази Рекреативо, во дербито на колото пак Еспањол загуби во Мадрид од Реал 4-3.

“Еспањол ќе биде многу незгоден противник во финалето, бидејќи за разлика од Осасуна тие сакаат да се надигруваат.Кога се во прашање финалните средби од купот на УЕФА, секогаш имало изненадувања, за мене изненадување ќе биде доколку натпреварот не изобилува со погодоци“ , рече тренерот на Севиља тим Хуанде Рамос.

Во тимот од Андалузија ќе се врати Бразилецот Адриано, тој се опорави од повредата. Натпреварот поради жолти картони ќе го пропушти дефанзивецот Жулиен Ескуд.

Во последниот меѓусебен дуел во Шпанското првенство, пред две недели Севиља го победи Еспањол со 3-1.

Еспањол на саботниот дуел со Реал во Мадрид играше без најискусните Иван де ла Пења, Алберто Риера и Раул Тамудо,овие тројва треба да бидат ударната Каталонска тупаница во Глазгов.

Капитенот и најдобриот стрелец во историјата на Еспањол Тамудо потсетува на несреќно загубеното финале во истиот куп, пред 20-тина години Еспањол е поразен од Баер Леверкузен.

        Ненад Цветанов