Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) објави денеска дека донела одлука да го премести одигрувањето на финалниот натпревар во Лигата на шампиони (ЛШ) од Санкт Петерсбург во Париз, имајќи ја предвид руската инвазија на Украина.

Согласно одлуката на УЕФА, финалето во најелитното европско клупско натпреварување ќе се одигра на 28 мај на стадионот „Стад де Франс“, на кој се одржа и финалето во 2006 година, кога Барселона го победи Арсенал.

УЕФА, исто така, додаде дека сите домашни натпревари на украинските и руските клубови и репрезентации, кои учествуваат во европските натпреварувања, ќе се играат на неутрални терени додека не биде донесена нова одлука.

А попладнево, со жрепка во седиштето на УЕФА во Нион беа одредени двојките за осминафиналето во второто по ранг европско клупско натпреваруње, Лига Европа.

Барселона за противник го доби Галатасарај, Црвена ѕвезда ќе игра против Глазгов Ренџерс, додека Порто за место во четвртфиналето ќе мора да го елиминира Лион.Во преостанатите натпревари од осминафиналето ќе играат: Брага – Монако, Аталанта – Баер Леверкузен, Лајпциг – Спартак Москва, Бетис – Ајнтрахт Франкфурт и Севиља – Вест Хем.

Првите натпревари ќе се играат на 9 и 10 март, а реваншите се на програмата на 17 март.

OhridNews