Македонската фудбалска репрезентација летово ќе го има дебито на големата фудбалска сцена, откако „црвено жолтите“ триумфираа во четвртата група од Лигата на Нации и обезбедија учество на Европското првенство. Европската куќа на фудбалот (УЕФА) на својата официјална интернет страна ја претстави Македонија. УЕФА ги издвои тим лидерот, клучниот фудбалер, ефектот на селекторот во македонската репрезентација и откри кој е единствен македонски фудбалер кој играл на ЕП.

Тим лидер на Македонија е Пандев. Играчот на Џенова е фудбалер со најмногу настапи и најмногу голови. Тој е алфа и омега во селекцијата, – стои во описот на УЕФА. Погодокот на Пандев во финалето од баражот против Грузија е еден од најважните во историја, додаваат од УЕФА. Покрај голот на Пандев, УЕФА го издвојува погодокот на Митко Стојковски против Данска во 1994 година.

Клучен фудбалер е Енис Барди, кој моментално настапува во шпански Леванте. За него УЕФА не штедеше комплименти. – Поливалентен играч од средниот ред, кој може добро да додава, многу е креативен и често постигнува голови. Барди статистички е рамо до рамо со Лионел Меси во головите постигнати од прекини. Неговото искуство од Европското првенство до 21 година, кое се одржа во Полска може да биде од витално значење. 

 

Игор Ангеловски е селектор со најмногу мечеви на клупата од македонската репрезентација. Ангеловски на селекторската позиција беше назначен 2015 година. Во 45 мечеви има скор од 20 победи, 10 нерешени и 15 порази.

Единствен македонски фудбалер кој настапил на ЕП е голманот Благоје Видиниќ. Тој бил дел од Југославија во финалето против Советскиот сојуз во финалето во Париз во 1960 година.

Комплетното претставуање на Македонија на сајтот од УЕФА можете да го погледнете тука.

Мх.П.