Во близина на франкофонската патека на подножјето на планината Петрино, над безниската пумпа на „Макпетрол“ денеска беше удрен камен-темелник на новиот деловно-информативен центар на националниот парк „Галичица“.


Проектот кој освен информации за природните и културните вредности на паркот, ќе нуди  можност на жителите кои живеат во границите на паркот да ги продаваат сопствените производи, а ќе има и национален ресторан.


Според директорот на националниот парк „Галичица“, Зоран Ангелоски, вкупната финансиска конструкција на  деловно-информативниот центар што ја обезбеди италијанскот министерство за надворешни работи изнесува околу 300 илјади евра, а се очекува, објектот да биде изграден најдоцна за 5 месеци.


Првиот секретар во италијанската амбасада во Македонија, Роберто Рицо, на чинот на поставувањето камен-темелник, рече дека канцеларијата за техничка соработка на италијанската амбасада во Скопје и натаму за приоритет ќе ја има заштитата на животната средина.


„Силно веруваме дека ќе се создадат услови за развој на оваа зона. Кога зборувам за развој на овој регион, идејата не е да се уништи создаденото, туку, да се искористи веќе постоечкото  и во други насоки“, изјави Рицо.


Дел од поставувањето на камен-темелникот на новиот деловно-информативен центар беше и министерката за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкуловска.

Ohridnews
Фото: Васко Бујароски