Една недела откако владата го поништи тендерот за субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании, единствениот таков авиопревозник кој оперира во земјава, „Визер“, ја укинува продажбата на билети за линиите  Охрид – Лондон и Скопје Барселона, објави специјализираниот портал „ЕxYuAviation“.

Авиобилети за линијата Охрид – Лондон повеќе нема да се продаваат од 24 октомври, додека за Скопје – Барселона два дена подоцна, од 26 октомври. Покрај овие „Визер“ од средината на септември ќе ги прекине и летовите Скопје –  Ваксјо (Шведска), поради слабата побарувачка.

Договорот за тригодишно субвенционирање истече во јуни оваа година, по што владата распиша тендер, кој Министерството за транспорт и врски минатата недела го поништи затоа што единствениот понудувач, „Визер“, немал комплетна документација.

Тендерот предвидуваше отварање на четири нови авио линии од охридскиот аеродром и уште две од скопскиот. Наместо тоа „Визер“ укина две линии, што се толкува како порака во тивката економска војна со владата. Доколку недоразбирањата не се надминат и не се привлече нискобуџетна авиокомпанија која ќе оперира од македонските аеродроми, најмногу штета ќе претрпат туризмот и Охрид.

OhridNews